Во Украина се водат тешки борби

Денеска истекува и последниот од петте дена од референдумите во четирите украински региони за припојување кон Русија. Резултатите од гласањето кое меѓународната заедница го осуди како незаконско и акт кој води кон анексија на украинска територија ќебидат познати утре. Излезноста, според официјална Москва во сите региони каде се одржуваат референдумите веќе е над 50 насто што би значело дека тие се успешни. По референдумот за пристапување на териториите на Донбас и на „ослободените територии на Украина“, нивниот правен статус „драстично ќе се промени“, што ќе има одредени последици за заштитата на граѓаните, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков. . На новинарско прашање дали ситуацијата во регионите Донбас, Херсон и Запорожје ќе се подобри по референдумот и дали ќе има помалку гранатирање на Донбас, Песков одговори дека тоа зависи од украинската страна. 

„Се разбира, ситуацијата радикално ќе се промени од правен аспект, од гледна точка на меѓународното право. Со сите релевантни последици за заштитата и безбедноста на овие територии“. - Песков.

ЕУ смета дека референдумите за приклучување кон Русија организирани во украинските региони се „нелегални“. 

„Сите лица кои учествуваа во организирањето на тие нелегални референдуми и кои ги поддржаа ќе ги сносат последиците“, изјави портпаролот на Борел, Петер Стано на редовната дневна прес-конференција во Брисел. 

ЕУ веќе воведе санкции против Москва, вклучително и суспендирање на купување јаглен и нафта.