Во училиштето „Љубен Лапе“ повторно протест на родители, наставничка повикала полиција

Во скопското училиште „Љубен Лапе“ продолжува бојкотот на наставата по математика. Родителите на ученици од три паралелки од шесто одделение во основното училиште „Љубен Лапе" решија нивните деца да продолжат со бојкот на наставата додека од наставниот процес не се исклучи наставничката по математика Анета Костоска.

Советот на родители бара наставничката да се исклучи од секаков контакт со учениците. Родителите се револтирани затоа што утрово бојкотот на наставата иако бил уредно најавен, бил попречен од колешка на наставничката Костоска, која исто така предава математика.

„Таа наставничка е член на дисциплинската комисија и од за нас неразбирливи причини, можеби пак од познати причини за неа, свесно го попречи бојкотот, обраќајќи се на висок тон, како и со упатување закани кон родителот кој бил уредно овластен од сите други родители да биде присутен со децата во просториите на училиштето за време на бојкот. Воедно, истапувајќи надвор од нејзините ингеренции и должности, без одобрение на директорот и стручната служба на училиштето, не почитувајќи ја хиерархиската поставеност во работата и одлучувањето, повикала полиција на интервенција за што по пријавата е уредно составен записник од страна на службени лица на МВР." - велат од Совет на родители.

Родителите на учениците велат дека со бојкотот не бил попречен работниот процес на никого, ниту пак наставата во другите одделенија. Тие одржале средба со новата в.д. директорка и со двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат.

Проблемот во училиштето „Љубен Лапе" ексалираше завчера кога на протест излегоа родители на шестооодделенци кои не дозволија нивните деца да имаат настава потсетувајќи дека нивното барање за отстранување од наставата на спомнатата наставничка упорно се игнорираат како од директорката, така и од Министерството за образование. Родителите сведочеа дека таа наставничка ги малтретира психички учениците.