Во терористички чин на австралиската плажа Бонди убиени 12 лица-еден од напаѓачите е уапсен
Познат е идентитетот на еден од напаѓачите за време на масакарот на плажата Бонди во Сиднеј, во кој најмалку 12 лица загинаа, а 29 беа повредени.
Станува збор за 24-годишниот Авганистанец Навид Акрам, кој, според информациите, живеел во југозападниот дел на Сиднеј. Другиот напаѓач бил убиен за време на нападот. Сè уште не е познато дали Навид Акрам бил убиениот или преживеаниот напаѓач.
Според австралиските медиуми, нападот се случил за време на еврејскиот празник Ханука, кој се одржувал на плажата Бонди, за што реакција пристигна и од министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Сар, кој ја критикуваше австралиската влада и трагедијата ја оцени како „резултат на антисемитско дивеење на улиците на Австралија“.
Гидеон Сар, министер за Надворешни работи на Израел
„Згрозен сум од убиственото пукање на настанот за Ханука во Сиднеј, Австралија. Австралиската влада, која доби безброј предупредувачки знаци, мора да се освести“, вели Сар.
Со реакција се огласи и израелскиот претседател Исак Херцог, кој нагласи дека пукањето на плажата Бонди претставува напад врз еврејската заедница.
Исак Херцог, претседател на Израел
„Во овие моменти, подлите терористи ги нападнаа нашите сестри и браќа во Сиднеј, Австралија, во многу суров напад врз Евреите кои отидоа да ја запалат првата свеќа за Ханука на плажата Бонди“, изјави Херцог.
Со реакција се огласија и високи претставници на Европската Унија, кои ја изразија својата огорченост. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ја истакна поддршката на Европската Унија и изрази сочуство до семејствата на загинатите. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го оцени настанот како „ужасен чин на насилство против еврејската заедница“.
Од официјалните власти во Сиднеј најавија дека подетални информации за мотивите на нападот ќе бидат објавени по завршувањето на истрагите.

