Во Солун прв случај на коронавирусот, во Италија се заразени 5 малолетници
Foto

Во Солун прв случај на коронавирусот, во Италија се заразени 5 малолетници

Се повеќе европски земји информираат за нови потврдени случаи со коронавирусот. Хрватска утринава соопшти за уште еден, втор пациент инфициран со смртоносниот вирус. Станува збор за брат близнак на момчето на кое вчера му беше дијагностициран коронавирусот откако се вратил од Милано, каде што со девојката бил на натпревар на Лигата на шампиони. Медиумите во Хрватска известуваат дека и во Сплит има опсадна состојба бидејќи во пристаништето впловил брод од Анкона, кој го пречекале специјално опремена хрватската поморска полиција и санитарен инспектор.

Сите останати пациенти кои беа тестирани имаа слаби облици на болеста, нивните резултати се негативни и се пуштени дома. Двајцата потврдени случаи ги добиваат сите потребни лекови и не очекуваме компликации.

И Германија потврди уште двајца пациенти кои се позитивни со коронавирус, 25-годишно момче од покраината Баден-Вутенберг, како и 47-годишен маж од Северна Рајна Вестфалија.

Резултатите покажаа дека младиот пациент е позитивен на Ковид-19 и ќе остане во изолација наредните 14 дена во болницата каде што е примен. Вториот заразен 47-годишен пациент е од Северна Рајна Вестфалија и во е сериозна состојба.

Од денеска е потврден и првиот случај на коронавирус во Грција. Резултатите се позитивни кај 38-годишна пациентка во Солун, која неодамна патувала во Италија. Грчките здравствени власти велат дека таа е под мониторинг и е во добра здравствена состојба.

Министерството за здравство на Франција соопшти дека во Париз почина 60-годишен пациент во вирусот, а училиште во Австрија е ставено под карантин, откако една од наставничките добила симптоми на коронавирусот. Иако во Словенија нема регистрирано пациенти со коронавирус, здравствени власти сметаат дека е само прашање на време кога ќе се појави заболувањето.

Во некои маркети во Љубљана дел од полиците останаа празни, откако граѓаните поради страв почнаа масовно да купуваат тестенини и конзервирана храна.

Сепак, се уште најкритична е состојбата во Италија. Таму починаа 11 луѓе, а 325 се заболени од кои петмина се деца. Четири од нив се во Ломбардија, а еден случај е регистриран во регионот Венето.

0 Коментари

Остави коментари