Во Собранието продолжува расправата по ребалансот на Буџетот
Foto

Во Собранието продолжува расправата по ребалансот на Буџетот

Собранието денеска ја продолжува 20. седница на која на дневен ред е Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година.

Пратениците во рамки на оваа седница веќе трет ден дебатираат за ребалансот, втор годинава, поради влијанието од корона-кризата, а со цел да се олесни ефектот и да помогне во соочување со вториот бран од Ковид-19.

Од носењето на ребалансот зависи ефектуирањето на Четвртиот пакет антикризни мерки со кој се обезбедуваат средства за реализација на мерките од овој пакет. Предвидени се 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за  остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

0 Коментари

Остави коментари