Во Собранието пристигна предлогот за разрешување на Коцевски
Предлогот за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска официјално пристигна во Собранието. Од законодавниот дом засега велат дека дополнително ќе информираат кога оваа точка ќе се најде на пленарна седница.
Со тоа се продолжува постапката што Владата ја поведе уште во февруари, но беше сопрена, прво по трагедијата во дискотека „Пулс“ во Кочани, а подоцна и поради законските ограничувања во предизборниот период. Владата пред два дена повторно ја активираше иницијативата и го усвои предлогот за разрешување на Коцевски, донесен врз основа на член 88 од Законот за јавно обвинителство. Во образложението се наведуваат серија професионални пропусти што, според Владата, довеле до нарушување на ефикасноста, функционалноста и интегритетот на Јавното обвинителство.
Меѓу утврдените повреди се посочуваат неовластено изнесување информации за предмети, нарушување на угледот на институцијата, како и непостапување во согласност со уставните и законските надлежности. Од друга страна, Коцевски смета дека работел исправно и не направил никакви пропусти и грешки во досегашниот мандат. Паралелно со владината иницијатива, во текот на летото пратениците изгласаа и интерпелација за Коцевски, поднесена од пратеничката група на Левица, поради, како што беше наведено, нефункционална состојба во обвинителството и надворешни политички влијанија. Иако Советот за јавни обвинители даде негативно мислење по иницијативата за разрешување, Владата смета дека постојат доволно основи процесот да продолжи.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека процедурата за избор на нов јавен обвинител ќе се одвива брзо. Коцевски беше избран за републички јавен обвинител во февруари минатата година. Постапката за негово разрешување стана дел и од годишните извештаи на Европската комисија. Таму е нотирано дека законските норми за ваква постапка имаат недостатоци, а процесите можат да бидат подложни на политизација.
Европската унија предупредува и дека реториката и притисоците врз правосудните институции остануваат сериозна причина за загриженост. Со денешното доставување на предлогот во законодавниот дом, завршниот збор сега го има Собранието, кое треба да реши дали Коцевски ќе остане на функцијата или ќе биде разрешен.

