Во Скопје се одбележа Денот на Европа

Денеска, светот се присетува на една од најголемите победи во историјата на човештвото - победа над фашизмот. Осумдесет години по ред, деветти мај не е само ден на историско сеќавање туку и потсетник за цената на слободата.

Од Берлин па се до Москва, денот на победата над фашизмот се одбележува со воени паради и комеморации во чест на жртвите. Во Македонија, денот беше одбележан со положување свежо цвеќе пред спомен обележјето на партизанските гробишта во Скопје. 

Владината делегација заедно со претставници  од Канцеларијата на Претседателот, Собранието, Армијата и Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна се поклонија пред спомениците на жртвите. 

За значењето и суштината на деветти мај, дел од граѓаните кои добро го паметат датумот велат дека овој ден е еден од најзначајните моменти во светската историја, додека за останатиот дел од граѓаните денес е само обичен петок.  

Пратениците Амар Мециновиќ од Левица и Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ за Телевизија 24  велат дека денешниот ден е од големо значење за Македонија, бидејќи тоа биле почетоците на создавањето на македонска држава. 

Во Европската унија денешниот ден се слави како Ден на Европа.

Борбите за слобода на Македонија својата последна етапа ја заокружуваат со борбата на македонскиот народ од средината на 1944 година. Ширум Македонија биле формирани околу 500 народно-ослободителни одбори и биле избрани 116 делегати за Првото заседание на АСНОМ како највисоко законодавно и извршно претставничко тело на македонската држава.