Во Скопје постојат очекувања дека соработката меѓу САД и Македонија ќе продолжи
Честитки, но и очекувања дека соработката со САД која е на високо ниво ќе продолжи во истата па и уште подобра насока. Вака државниот врв му ја честиташе победата на американски претседател Доналд Трамп над неговата противкандидатка од редовите на демократите Камала Харис по вчерашните избори.
Премиерот Мицковски денеска посочи дека американските граѓани го направиле својот избор и им честиташе исто како и на Трамп.
И шефицата на државата Гордана Сиљановска Дафкова својата честитка за Трамп ја објави на својот Ф.Б профил.
- Срдечни честитки по повод изборот на Доналд Трамп за Претседател на Соединетите Американски Држави и многу успех во извршувањето на одговорната функција. Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност.
Честитки со слична содржина дека земјава ќе остане силен партнер на САД на патот кон безбедноста, просперитетот но и евроатланските интеграции по изборот на старо новиот претседател Трамп уптија и собранискиот спикер Гаши, но лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, и на албанскиот опозициски блок Али Ахмети.
Победата на Трамп му ја честитаа и европските, но и светските лидери. Шефицата на ЕК Урсула Фон Дер Лајен во честитката наведува:
- Европската унија и САД се повеќе од обични сојузници. Ние сме обврзани со вистинско партнерство меѓу нашите луѓе, обединувајќи 800 милиони граѓани.
Во честитката пак на Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел стои:
- Честитки до новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД имаат траен сојуз и историска поврзаност .
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте пак во објава на Икс информираше дека му честитал на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД.
- Неговото лидерство одново ќе биде клучно за одржување на силата на нашата Алијанса. Со нетрпение очекувам повторно да работам со него на унапредување на мирот преку зајакнување, преку НАТО.
Меѓу имињата на светските лидери кои го честитаа 47 по ред избор за претседател на САД се најдоа и францускиот претседател Емануел Макрон кој порача дека е подготвен да работи со Трамп, израелскиот премиер Нетанјаху кој ја опиша победата на Трамп како најголемиот камбек во историјата а се огласи и украинскиот претседател Зеленски кој порача дека со нетрпение ја очекува ерата на САД предводена од Трамп
Од руското министерство за надворешни работи кусо порачаа дека изјавите на Трамп за прекин на конфликтот во Украина мора да бидат проследени со конкретни чекори, а од кинеската влада посочија дека ја почитуваат одлуката на американскиот народ, напоменувајќи дека изборите се внатрешна работа на САД.

