Во Сингелиќ истепана гостинска фудбалска екипа

Несакани сцени на насилство го одбележаа вчерашниот натпревар од Третата лига – север, помеѓу екипите на Фортуна и Пчиња, одигран во скопското село Сингелиќ. Натпреварот бил прекинат во 75. минута при резултат 1-1, откако гостинските фудбалери од Пчиња одбиле да продолжат поради брутален физички напад.

Според информации од клубот, ситуацијата ескалирала откако домашната публика прво вербално, а потоа и физички ги нападнала нивните поддржувачи, претежно роднини на фудбалерите.

Најтешко поминал голманот Никола Стојановски кој бил удиран со клоци од неколку фудбалери сè додека не изгубил свест, а кога неговите соиграчи се обиделе да му помогнат и тие биле нападнати.

Судијата на натпреврот во тие моменти не презел ништо, па фудбалерите на Пчиња самоволно го напуштиле теренот и побарале полициска заштита. Тие ја чекале Единицата за брзи интервенции, за да бидат сигурни дека безбедно ќе го напуштат селото. Голманот Стојановски веднаш бил пренесен во кумановската болница каде што останал и во текот на ноќта.