Во Штип убиен 25 годишен странски државјанин
Трагичен настан се случи синоќа во Штип. Во кафе барот кој што е лоциран на самиот градски плоштад околу 21 часот и 30 минути е убиен дваесет и пет годишниот Е.О, странски државјанин.
Имено, на убиството му претходела кратка расправија, по што сторителот буквално го извадил пиштолот и испукал повеќе куршуми во жртвата. Со неколку прострелни рани, тој бил однесен во Клиничката болница во Штип каде иако лекарите се обиделе да го реанимираат, сепак не успеале, потврдија утринава од болницата.
- Пациентот Е.О. странски државјанин роден 2000 г.е донесен во Клиничка болница –Штип после 21 часот. Кај нас е донесен без знаци на живот. Од страна на докторите реанимиран ,но безуспешно. Во 22.10 е прогласена смрт. - ЈЗУ Клиничка болница Штип.
Напаѓачот кој го уби младиот човек осамна на социјалните мрежи на снимки од безбедносните камери. На видеото се гледа дека ладнокрвно испукува неколку куршуми кон жртвата која седи во кафулето, по што мирно излегува од другата страна. Полицијата го уапсила а пронајдено е и оружјето со кое е извршено кривичното дело, информираат од Обвинителството. Заедно со него во драматична потера во која бил вклучен и дрон, а во близина на наплатната рампа кај Миладиновци на патот Штип - Скопје уапсени се уште четворица што му помогнале да избега, соопштија од МВР.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип извршил увид на локацијата во кафе барот каде жртвата беше ликвидирана со истрели од огнено оружје. Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, велат од Јавното обвинителство.
Неофицијално, сега починатиот од 2022 не е активен студент на штипскиот Универзитет и на истиот не му бил продолжен студентскиот престој. Засега остануваат нејасни мотивите за ландокрвното убиство што ја вознемири македонската јавност. Во и околу станот во кој престојувал сега починатиот денеска имаше зголемено присуство на полициски службеници.
Ваквиот случај ги вознемири штипјани кои што велат дека не паметат во Штип да имало вакви убиства и тоа во време кога во локалот имало и други гости. Престрелката помеѓу двајцата турски државјани сега го отвора прашањето, дали и колку турските студенти всушност доаѓаат да студираат овде, но и колку штипјани се безбедни во својот град.