Во Штип се нормализираше водоснабдувањето, денеска без вода се граѓаните на Свети Николе
Невремето во пробиштипско остави два града без вода. Вчера Штип, денес Свети Николе се соочува со прекин на водоснабдувањето. Зголемената матност на водата што пристигнува преку цевководот од Хидросистемот „Злетовица“ претставува проблем за пречистителните станици и затоа вчера било неопходно привремено исклучување на филтер-станицата во Штип. Денес без вода се граѓаните на Свети Николе. Градончалникот Владев очекува нормализирање на водоснабдувањето во доцните вечерни часови.
Во градот под исарот пак водоснабдувањето е нормализирано, откако вчера Штип беше без вода од 14 часот, па се до утринските часови. Според надлежните водата е безбедна за пиење.
Инаку, од хидросистемот „Злетовица“ со вода се снабдуваат општините Штип, Пробиштип, Свети Николе и Карбинци. Проблеми со водоснабдување се појавуваат кога има обилни врнежи заради кои доаѓа до заматување на водата, како што беше саботното силно невреме, кое освен што предизвика прекин во водоснабдувањето, исто така е причина и за материјални штети во погодените подрачја.

