Во Штип и Делчево без инциденти одбележани 151 година од раѓањето на Гоце Делчев

Со историски час за ликот и делото на Гоце Делчев започна чествувањето на 151 година од раѓањето на големиот македонски револуционер во Штип, градот во кој великанот на македонската револуционерна борба учителствувал во двокласната Новоселска гимназија и предавал повеќе предмети.

Со поголема полициска присутност, за разлика од претходните години и со положување на цвеќе на спомен рејлефот на Гоце Делчев во штипско Ново Село, се одбележа годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.

Под засилена полициска безбедност, во организација на локалната самоуправа, денес и во Делчево беа одбележани 151 година од раѓањето на великанот и идеологот на македонската револуционерна борба, но и патрон на градот.

Инаку, и во други општини на истокот се одбележа годишнината од раѓањето на македонскиот великан и револуционер мирно и без инциденти, но со зајакнати безбедносни мерки.