Во Штип 13 нови позитивни текстилни работнички на корона
Foto

Во Штип 13 нови позитивни текстилни работнички на корона

13 текстилни работнички позитивни на коронавирусот се досегашните резултати од масовниот скринг на вработените во штипска конфекција и работниците од уште неколку кои на работа оделе со ист автобус. Најголемиот дел се од Штип, но ги има и од Карбинци и Кочани. Позитивни на вирусот се и две деца од една и пол и три години. За децата што имале симптоми и се тестирани по препорака на матичен лекар се уште се утврдува како дошле во контакт со вирусот, а денес ќе се тестираат и нивните родители. 

Новите случаи го потикнаа Центарот за јавно здравје да ги потести граѓаните на заштитните мерки.

„Другарувањето на отворен  простор мора и треба да има свои ограничувања. Задолжително треба да се избегнува групирањето во групи поголеми од две лица, носењето на заштитна маска е задолжително и на отворено кога не е возможно да се одржи потребната физичка дистанца од 1,5 до 2 метри. Одржувањето на хигиената на рацете и личната хигиена е од клучно значење за заштита од овој вирус“ - се вели во соопштението на Центарот за јавно здравје.

Двоцифрениот број заразани со коронавирусот денес на состанок го свика и Општинскиот кризен штаб. Продолжува дезинфекцијата на јавните површини и влезовите на објектите каде има најголема фреквенција.

Иако автобусите со кои се превезуваат работниците беа посочени како најголема опасност за ширење на заразата, а пред два дена на прес-конференција за тоа алармираше и министерот Филипче досегашните контроли не открија недостатоци. 

Активистите од „Гласен текстилец“ најавија дека ќе бараат и вонредни надзори од инспекторатите затоа што тие веќе имаат фотографии со кои се потврдува дека не се почитуваат протоколите.  

На Инфективното одделение во Штип се хоспитализирани петнаестина пациенти со средна клиничка слика, а дали бројот ќе се зголеми зависи од одлуката на инфектолозите откако ќе завршат прегледите на новите дијагностицирани случаи.

0 Коментари

Остави коментари