Во септември годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити 4,46 отсто

Во септември 2021 година просечната каматна стапка на вкупните кредити оствари месечен и годишен пад од 0,03, односно 0,24 процентни поени и изнесува 4,46 отсто. Кај просечната каматна стапка на вкупните депозити е забележан минимален месечен пад од 0,01 процентни поени и изнесува 0,78 проценти, додека на годишна основа оваа каматна стапка е намалена за 0,20 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во септември бележи раст од 0,25 процентни поени на месечна основа и изнесува 4,03 отсто. На годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити е зголемена за 0,04 процентни поени. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,85 проценти и оствари месечен и годишен раст од 0,35, односно 0,09 процентни поени.

Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 3,58 отсто и забележа месечен пад од 0,02 процентни поени. Притоа, промената на месечно ниво се должи на пониските каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,04 и 0,03 процентни поени) и пониските каматни стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 процентни поени). Анализирано на годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор е намалена за 0,22 процентни поени.

Овој месец, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор забележа месечен раст од 0,40 процентни поени и изнесува 3,63 проценти. Нагорната промена во најголем дел се должи на зголемените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 1,74 процентни поени), при остварен раст и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,15 процентни поени) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 процентни поени). Во споредба со септември претходната година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,19 процентни поени.