Во раните утрински часови, без да кажат збор ВМРО-ДПМНЕ го изгласаа законот, ДУИ им направи 2/3 мнозинство
Носењето по скратена постапка, без дебата, после полноќ, за помалку од 12 часа и без консултации за законот со кој се реорганизира владата и се зголемува бројот на министерствата за ВМРО-ДПМНЕ е реализирано предизборно ветување.
Од партијата тврдат дека било потребно за што побрзо да може да се конституира идната влада, но тврдат и дека носењето закони по скратена постапка ќе биде исклучок.
Собраниската дебата траеше до раните утрински часови, власта ја премолча, а опозицијата критикуваше дека целта на овој закон е вдомување на партиски членови. Дополнително забележаа и дека не се предвидува колку пари ќе ја чинат државата новите министерства.
За Левица пак, освен процедурата, спорно е и тоа што во измените не се вклучени експерти, како и зголемувањето на министерствата.
Со овој закон државата наместо 16 ќе има 20 министерства, префрлање на надлежности од еден во друг ресор, а че повлече и трансфер на вработени.
Преземањето на вработени треба да се случи во рок од пет месеци од влегувањето на сила на законските измени. Тие ќе влезат во сила со денот на објавување во Службен весник, а пред тоа да се случи за измените указ треба да потпише и претседателката Сиљановска Давкова.