Во присуство на станарите започнаа увидни дејствија во опожарената зграда во Чаир
Девет дена по пожарот кој ја зафати зградата во скопски Чаир, денеска почна увидот на обвинителството и полицијата во опожарениот објект. Пожарот кој се гаснеше повеќе од 30 часа претходно го прекина увидот поради присуството на големо количество чад.
Мирис на чад и денеска се чувствуваше во околината на опожарената зграда. Подрумските простории, од каде според првичните информации започнал пожарот, се уште се обезбедуваат за пристап и испитување на причините. Станарите се повикани за да се изврши попис на предметите и проценка на штетите, но со контролиран пристап до зградата.
„Пристапот до објектот се врши строго контролирано и најпрвин во присуство на станарите се врши попис на предмети и штетата на станбените единици.Траењето на увидните дејствија на терен ќе зависи од времето неопходно за прибирање на сите докази.“ - ЈРОСМ.
Сто и дваесет станари беа евакуирани преку покривот кога избувна пожарот. Поради вдишување чад, 40-ина лица побараа лекарска помош, а некои беа задржани на болничко лекување на скопските клиники.
Причините допрва треба да се утврдат, но пожарот го отвори и прашањето за тоа како се гради. Дел од експертите предупредија дека мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на објектот, како и дека мора да се почитуваат стандардите за градење и за заштита од пожар.