Во петок стартува расправата за буџетот на Комисија: 200 амандмани од опозицијата

За власта развоен и буџет што значи работа, за опозицијата политички и финансиски наместо економски, кој ќе купи само социјален мир. Елми Азири од Алијансата за Албанците вели дека нелогично е да се зголемуваат расходите за 2,6 проценти, при тоа да се намалуваат капиталните расходи за 17,6 %, а да се проектира економски раст сличен на претходните години.

За опозицијата, пробелем е и структурата на трошењето, кое очигледно нема да донесе додадена вредност. 

Нема фискална консолидација, јавен долг расте во услови кога нема криза, а власта не успеа да го изменаџира и зголењмувањето на цените и инфлацијата, вели Сања Лукаревска од СДСМ. 

Овој буџет ги вклучува реалните потреби на институциите и овозможува подобра контрола при трошењето, вели Тони Јаревски од ВМРО ДПМНЕ. Според него, буџетот за 2026 има изразена фискална дисциплина и нови инструменти за зголемена отчетност и ефикасност во реализацијата. Јаревски посочи дека оваа насока треба да донесе подобри резултати во однос на растот и стабилизацијата на инфлацијата. 

Буџетот кој предвидува 6,7 милијарди евра расходи, 6,1 милијарда приходи и дефицит од 3,5 проценти од БДП, во петок ќе влезе во собраниска процедура. Според документот, економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, a инфлацијата на 2,5 отсто. Во истовреме, критики за економските резултати на земјава стигнаа од Европската унија, преку извештајот за напредокот на земјава, во кој е нотирана недоволна фискална дисциплина и отсуство на структурни реформи.