Во петок на седница интерпелациите за министрите
Неуспешен обид за интерпелација на петмина функционери во Собранието, вакви се очекувањата на премиерот, Христијан Мицкоски. Тој смета дека интерпелацијата против четворица членови на неговиот кабинет во Собранието во петок ќе биде неуспешна.
Од СДСМ пак велат дека партијата нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите што се поднесени од ДУИ, бидејќи според нивните оценки тие во овој момент не претставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа.
Во петок пратениците се враќаат на работа, а на првата пленарна седница закажани се интерпелациите за вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, но и за неговиот заменик, Астрит Исеини, потоа за министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, како и за Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
Инаку, девет пратеници на Коалицијата „Европски фронт“ во декември во Собранието ги доставија предлозите за отповикување од функцијата на Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исеини, додека пак, интерпелацијата за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември, бидејќи во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.

