Во основниот суд Струга закажани 5 судења против градоначалникот Рамиз Мерко

Целодневен судски "маратон" за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Рано утринава со сослушување на сведоци продолжи главната расправа за незаконското назначување директори во основните училишта во Струга и селата Подгорци,Лабуништа,Радолишта и Велешта.

Трите предмети за незаконско поставување директори, каде е обвинет  само Мерко, судијата Јордан Јованов ги спои во еден, додека за училиштето во Велешта  се води одвоен предмет, каде покрај злоупотреба на службената должност обвинети се и други четири лица за кривичното дело фалсификување.

За овие предмети денеска сведочеше поранешниот министер за образование Јетон Шаќири кој рече дека додека бил на функција до него не стигнале информации за незаконско назначување директори.

Меѓу петте рочишта закажани за денеска беше и судењето за набавката на луксузното ауди  кое ќе започне од почеток поради смена на судијата.Во овој предмет Мерко е обвинет за злоупотреба на службата.

Денеска започна  главната расправа и за предметот со поставувањето на спомен плоча во која струшкиот градоначалник  е обвинет дека во март лани, ја поставил  на влезот на општинската зграда, со која поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга. За овој предмет сведочеше  зам.министерот за правда Ален Деребан кој во тоа време беше советник во Општината.

Градоначалникот Мерко е обвинет во девет активни судски постапки во судовите во Струга и Битола.Во сите му се заканува казна затвор,а минатиот месец му беше одземен и пасошот.Од 2023 година тој е на црната листа на САД.