Во Основниот кривичен суд ќе биде изречена пресуда за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова, откако на судењето што почна на 9 овој месец обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години. 

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој тој му дозволувал на својот син да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека нема возачка дозвола и е сторител на сообраќајни деликти.

На рочиштето за прегазувањето на Кулакова што се одржа мината недела се изведуваа само докази кои се однесуваа на висината на казната, а не и за настанот, со оглед дека Јованов го призна делото.

Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.

Бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски пред судот достави докази за положени испити на факултет и медали од освоени натпревари во бокс, доказ од Ракометнана федерација дека е регистриран играч за сезоната 2021-22 и видео со времетраење од 36 секунди, за кое рече дека одбраната сака да го покаже пред Судот односот на обвинетиот непосредно по стореното дело и неговото искрено каење извикувајќи „леле што направив" и „греота за девојчето".

Обвинителот му посочи на Судот да пристапи со должно внимание на оваа снимка, со оглед на квалитетот на звукот и дека тоа што било кажано е така од збор до збор. 

Адвокатот на семејството Кулакови, во завршниот збор побара највисока казна за обвинетиот, земајќи ги како отежнителни околности тоа што управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и без почитување на сообраќајните правила.