Во Општина Штип пристигна извештајот на ДИЖС за фирмата која гори гуми за производство на течно гориво
Еден месец по инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина на фирмата, која гори гуми за да произведе мазут, извештајот и барањето за одземање на Б-интегрираната дозвола пристигна и официјално во Штип.
Софче Трајкова, советник за екологија во Општина Штип, истакна дека писмото од Државниот инспекторат го добиле токму денес.
Но, во меѓувреме од О2 Иницијатива, со статус на својот фејсбук профил тврдат дека Државниот инспекторат за животна средина по втор пат бара од општина Штип да ја одземе Б-интегрираната дозвола на оваа фирма. Прв пат Државниот инспекторат побарал одземање на Б-дозволата во декември 2020, кога по претставка на Министерството за одбрана, било утврдено дека ниту една обврска која била преземена од аспект на технолошкиот процес, не се почитува.
- Во февруари, од Царина биле земени мостри и анализата покажала дека се работи за опасен отпад, токсичен за луѓето и за околината. ДИЖС утврдил и дека издадената Б-интегрирана дозвола има неправилности, зошто е издадена на парцела предвидена за пасиште и дека е без гранични вредности за емисии во воздухот. - велат од О2 Иницијатива, Организација за заштита на животната средина.
Инаку, погонот се наоѓа на осум и пол километри од центарот на Штип и на само два километри од селото Пенуш.