Во Охрид драстично е зголемена побарувачката и продажбата на огревното дрво
Најавената повисока цена на струјата ги натера охриѓани во голем дел да се одлучат оваа зима да се греат на дрва. Стравот на граѓаните да не останат во студени домови оваа зима ја зголеми продажбата и побарувачката на огревно дрво за греење.
Истата е драстатично зголемена особено по информациите дека земјава се соочува со енергетска криза велат од подружницата на Национални шуми во Охрид.
Во моментов, складиштето располага со 300 метри просторно огревно дрво. Залихите не се големи, но од шумското велат дека ќе ги надополнуваат количините во зависност од временските услови за движење низ шумите. Располагаат најмногу со буково огревно дрво.
Во охридското стовариште се продава прва класа буково дрво по цена од 2.372 денари за кубик, а 2.457 денари чини кубик дабово дрво.
Од дирекцијата велат дека нема да продаваат огревно дрво во останатите општини се додека има побарувачка од охриѓани без разлика какви цени се нудат на пазарот.