Во нов случај на семејно насилство, полицијата уапси 55-годишен скопјанец - пукал со пиштол кон сопругата
Нов сучај на семејно насилство, овој пат во скопската населба Кисела Вода... Полицијата лиши од слобода 56 годишен скопјанец, под сомнение дека со пиштол се заканувал на својата 48-годишна сопруга и нивните три ќерки на возраст од 26, 24 и 18 години. Според информациите, во инцидентот физички била нападната 24-годишната ќерка.
Веста ја потврди и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој истакна дека потенцијалниот сторител е задржан во полициска станица, а во соработка со Јавното обвинителство ќе се отвори предмет за целосно истражување на настанот.
Од Основното јавно обвинителство потврдија дека е отворен предмет и дека се преземаат сите законски мерки во врска со случајот.
Ова е втор сериозен инцидент на семејно насилство во Скопје само во текот на неколку дена. Претходно, јавноста беше сведок на самоубиството на мајка и ќерка во скопската населба Тафталиџе, кои се фрлија од висококатница по претходни пријави за тортура и семејно насилство. Случајот отвори широка јавна дебата за потребата од ефикасна заштита на жртвите и за спроведување на законските механизми против семејно насилство.
Инаку, според информациите од семејството, инцидентот се случил по претходна расправија во домот, а насилното однесување продолжило и неколку дена подоцна, кога повторно се заканувал со оружје кон сопругата, но бил спречен од ќерките.

