Во ноември инфлација од 3,1%, најголем раст кај овошјето, шеќерот, алкохолните пијалаци
По ланскиот галопирачки раст, годинава забавена инфлација. Индексот на трошоци на животот во ноември 2023 година, во однос на истиот месец лани бележи зголемување од 3.1%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.4%.
И на месечно ниво зауздана инфлација. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на животот во ноември споредено со претходниот месец, изнесуваат 0.1 отсто. Пораст на трошоците на месечно ниво е забележан кај виното и цигарите за 5.1%, пивото за 2.4%, зеленчукот, за 2.3%, жестоките пијалаци, минералната вода, газираните пијалаци, соковите за 0.4 %, маслото за 0.2%.
Статистичарите пресметале дека намалување на трошоците на живот на месечно ниво за граѓаните има во делот на набавка на овошје и тоа за 6.9 %, за млеко речиси 1 отсто. Сличен е и процентот на трошоците за домаќинствата за кафе, чај, какао. За набавка на јајца,шеќер, чоколада и кондиторски производи статистика пресмета дека има благо намалување.
Од Министерството за економија велат дека антикризните мерки ќе помогнат за ублажување на ценовниот притисок. Според ноемвриските ревидирани податоци на Народната банка годинава ќе заврши со инфлација од 9, 5 отсто, за разлика од владините прогнози според кои 2023 треба да заврши со инфлација под 6 отсто.