Во македонскиот КИЦ во Софија отворена изложбата „Дамки“ на Перо Кованцалиев

Во галерискиот простор на Македонскиот КИЦ во Софија отворена беше самостојната изложба „Дамки“ на македонскиот уметник Перо Кованцалиев, автор кој преку својот препознатлив визуелен јазик и експериментален пристап создава дела со длабока филозофска, општествена и еколошка димензија, што остава силен впечаток со својата концептуална зрелост и автентична визуелна енергија.

На отворањето на изложбата се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање истакна дека изложбата „Дамки“ претставува исклучително значаен современ уметнички проект што отвора важни прашања за човекот, општеството и светот во кој живееме. Тој нагласи дека делата на Кованцалиев носат силна симболика и ретка визуелна чувствителност, при што уметноста се јавува како простор на критичка мисла, духовна рефлексија и современа културна свест. Кон изложбата се осврна и Македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси -Поповска.

Изложбата „Дамки“ е составена од серија цртежи и објекти во кои Кованцалиев развива специфичен ликовен процес заснован врз согорување на текстилен отпад и фиксирање на микро честичките од чадот врз различни површини. Во овие дела материјата не е само средство за изразување, туку таа е носител на самата идеја.