Во Македонија речиси секое трето дете е изложено на ризик од сиромаштија

Во Македонија речиси секое трето дете е изложено на ризик од сиромаштија. Најпогодени се децата кои живеат во големи, еднородителски и ромски семејства а речиси секое второ такво семејство е во сиромаштија.

Ова се податоците добиени од анализата направена од УНИЦЕФ и Министерството за социјална политика, демографија и младија чија цел е да се поттикне вложување во секое дете, зголемување на вработеноста кај жените и инклузивен раст.

Анализата покажала и дека во земјава помалку од 19 проценти од семејствата добиваат парична поддршка наменета за деца кој во споредба со просекот на ЕУ кој изнесува 88 проценти, значително е помал. Од 2019 година па се до денес вредноста на детските додадтоци се намалила за речиси 30 проценти во однос на минималната плата па семејствата со четири или повеќе деца добиваат ист износ на детски доадок и покрај зголемените трошоци за живот. 

Министерот за социјална политика демографија и млади Фатмир Лимани на презентацијата на оваа анализа рече дека е свесен дека Македонија се уште се соочува со сериозни предизвици на ова поле. Според него, потребни се значителни реформи за поддршка на децата и нивните семејства а прв чекор е воведување на универзален детски додаток, постоечки модел во многу европски држави и се обезбедува за секое дете независно од приходите на домаќинството. 

Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади 

- Се уште се соочуваме со сериозни предизвици во нашата држава. Фактот дека речиси секое трето дете живее во ризик од сиромаштија покажува дека системот не ги постигнува очекуваните резултати кај сите нас. Еден од моделите што се разгледуваат е воведување универзален додаток за секое дете со докажани ефекти за намалување на сиромаштијата и подобрување на состојбата на пазарот на трудот. Паралелно се разгледува и проширување на опфатот и висината на постојните детски додатоци. 

Лесли Милер, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија во своето обраќање порача дека детската сиромаштија директно влијае врз сите општествени процеси. Според неа, грижата за децата е прашање на раст, одржливост и е тесно поврзаноп со ЕУ интеграцијата.

Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија

- Проблем е недоволната покриенсот. Премногу сиромашни семејства и семејства блиску до сиромаштија се надвор од системот и децата не ги добиваат бенефициите за кои имаат право. Потоа проблем е и тоа што бенефициите не се доволни за да ги покријат реалните трошоци за одгледување деца, со што се ограничува нивната ефикасност во намалувањето на сиромаштијата. Потоа, постои и слаба усогласеност со пазарот на трудот и целите за родова еднаквост што го попречува активирањето особено на жените како и инклузивниот раст.

Универзалниот детски додаток според анализата може да ја намали детската сиромаштија од 3,1 до 5,9 проценти. Најефективното сценарио во однос на

намалувањето на детската сиромаштија и степенот на сиромаштијата во Македонија е  обезбедување поддршка за сите деца од 0 до 17 години. 

Дека овој модел може да функционира и во држави кои не се дел од Европската унија, покажуваат и податоците добиени од Косово и Црна Гора кои веќе преминале на исплаќање на универзален детски додаток.