Во Македонија 1.465 позитивни на Ковид-19, од нив оздравени се 738, а починати 77 лица
Foto

Во Македонија 1.465 позитивни на Ковид-19, од нив оздравени се 738, а починати 77 лица

Досега во земјава се регистрирани 1.465 позитивни случаи на Ковид-19, од нив се оздравени 738 лица, а починати 77 лица. Извршени се вкупно 16.436 тестирања. Во мометов се активни 650 случаи.

Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека е избран идеалниот модел за нашата земја и нашиот здравствен систем, за справување со пандемијата, истакнувајќи оти сега се гледаат резултатите од тоа, односно дека постепено се намалува бројот на дијагностицирани пациенти и бројот на тестови.

– Пристапот да се тестираат симптоматски пациенти, да се изолираат нивните контакти мислам дека даде резултат. Секоја земја избра свој автентичен систем, секоја земја има свои карактеристики на здравствениот систем. Во однос на препораките на СЗО што е тоа што сега како резултат доаѓа во Шведска. Смртноста во Шведска е многу поголема. Таа е некаде околу 12 проценти, ми се чини дека е во првите пет земји во светот според просекот на починати лица. И во таа смисла дискутабилно е дали може да се препорача како добар модел, посочи Филипче, додавајќи дека немањето рестрикции со цел да се создаде имунитет според него е исклучително ризично да се препорача и направи.

За процентот за факторот на трансмисија, министерот посочи дека тој е под единица на национално ниво, но чекаат да поминат уште неколку денови, го проценуваат добро бројот на пациенти, и сакаат повеќе денови да се осигураат дека ќе биде вака мал бројот на дијагностицирани пациенти за со сигурност да кажат дека епидемијата полека стивнува.

Прашан во однос на вчерашната изјава на д-р Вело Марковски од каде се сигурни дека вирусот ќе се врати наесен, Филипче рече дека има неколку работи што ги тера да размислуваат во таа насока.

– Прво, станува збор за вирус што е респираторен, а сите респираторни вируси се враќаат во есенските месеци. Втората работа е во однос на тоа што се уште е сега претпоставка, веројатно следат испитувања, студии итн., сепак има еден тренд на помалку случаи во земјите каде што е задолжителна БСЖ вакцината, што е исто така пулмонален вирус. Значи, има некоја поврзаност, точно не се знае, но дури и покрај тоа што точно не се знае и не е потврдено, ние апсолутно мора да бидеме подготвени и во таа насока одиме. Со овој предизвик со кој сега се соочувме, не само ние туку целиот свет, искуството не научи и не прави поподготвени за некои следни предизвици. Можно е да имаме следен пик на пациенти во есенските месеци и тогаш дополнително уште повеќе комплицирано со некоја бројка, вообичаена бројка или зголемена како што беше и минатата сезона. Не можеме да претпоставиме со сезонски грип. Во таа смисла одат предвидувањата и подготовките кои ги преземаме, додаде Филипче.

Министерот истакна дека се намалуваат индикациите за тестирања, како преку пунктовите, така и во приватните лаборатории и тоа води кон насока на стивнување на епидемијата со коронавирусот, што било очекувано за овој период.

Тој рече дека веќе се изготвени сите протоколи за функционирање на многу други сегменти, општествени и економски оператори, фабрики и јавен превоз итн.

– Во текот на следната недела тие ќе бидат официјализирани после финалните консултации со сите кои ги засегаат, со цел да се слушнат евентуални сугестии, после што ќе ги презентираме јавно исто како и временскиот период во кој ги очекуваме овие да ги наречам попуштања на рестрикциите. Сето тоа ќе биде постепено со цел да не се создадат гужви, ниту да се создадат услови за масивни собири, истакна Филипче.

Во однос на тоа дали кај нас е регистрирано заболување со Ковид-19 кај деца со атипични симптоми, Филипче рече дека нема некое изненадување со специфика на децата кои што досега беа дијагностицирани кај нас во однос на другите дијагностицирани заболени со Ковид-19.

– Во однос на децата кои што досега беа дијагностицирани кај нас немаше некое изненадување со специфика во однос на другите дијагностицирани. Во таа смисла и наодот на белите дробови, пореметувањето на крвта беа во рамки на тоа што се движи манифестацијата кај возрасните. Значи некоја специфика посебна немаше, рече Филипче.

0 Коментари

Остави коментари