Во која функција министерот Тошковски директно се вклучи во кампањата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ?

Дали министерството за внатрешни работи е ставено во функција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ поради партиските состаноци на кои присуствуваат министерот Панче Тошковски, но и началници прашуваат од опозициската СДСМ.

Лидерот на партијата Венко Филипче и денеска го праша министерот Тошковски дали МВР е независна институција која треба да ја работи својата работа или да се занимава со партијата и политиканство. 

На ова на Филипче му возвратија и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека бара само алиби за да го спаси како што велат својот лош рејтинг и рејтингот на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ 

- Тоа што Филипче зборува за МВР и разни наводни појави, наликува на алиби кое го договорил со својот ментор за да се задржи на функцијата. Ние во тоа не се мешаме освен дека ако има таква појава ја осудуваме, но сепак освен вакви панични изјави кога му стигнале последните анкети кои по наши информации го освестиле кај се наоѓа, почнува да бара алиби за да остане на тоа место.

ТВ 24 ги контактираше и ДКСК дали имаат основ за отворање на евентуален предмет од каде ни одговорија:

ДКСК 

- Со член 13 од Кодексот е уредено дека при учество во партиски активности не смее да се  загрозува професионалноста и достапноста на вршењето на функцијата како и дека носителите на извршни функции, надвор од работното време можат да учествуваат во партиски активности но не смеат да ја загрозат професионалноста и достапноста на функцијата и притоа секогаш приоритет ќе има нивната функција.   Во однос на учеството на инспектор при ОВР Прилеп на партиски состаноци, истото прашање е во надлежност на Министерството за внатрешни работи 

ТВ 24 побара став и од МВР од каде само кратко велат дека не гледаат ништо спорно, но до емитување на прилогот не одговорија дали и со кое возило министерот Тошковски присуствувал на партиските средби.

Инаку ДКСК веќе излезе со правилникот односно законските правила и ограничувања кои важат за изборниот период каде јасно наведуваат дека ќе го следат изборниот процес и ќе преземаат мерки при сомневање за прекршување на законските правила и ограничувања.