Во исчекување на новата цена на струјата – граѓаните стравуваат, надлежните смируваат

Утре ЕСМ ќе ја достави понудата со новата цена за домаќинствата на тендерот на ЕВН Хоум. Според информациите кои ги добивме од  државните електрани, околу пладне ќе биде доставена понудата со вкупната количина и цената на чинење. И од Универзалниот снабдувач кусо ни кажаа дека тендерот овој пат ќе биде успешен, и во текот на утрешниот ден ќе ги објават понудите.

Најголемиот дел од трошоците кои ги поднеле енергетските компании до Регулаторната комисија за енергетика биле одбиени и сега не се очекуваат ценовни шокови. Претседателот на комисијата Марко Бислимовски за Телевизија 24 вели дека повторно најголем удел во крајната цена која од први јануари ќе ја плаќаат граѓаните ќе има понудата на ЕСМ на тендерот на Универзалниот снабдувач.

Марко Бислимовски претседател на РКЕ

„Не верувам дека ќе има некакви ценовни шокови, во рамките на очекуваното ќе биде. Не очекувам дека ќе има ценовни шокови, ги чекаме тендрите за набавка на електрична, за загубите во МЕПС и Електродистрибуција.“

Премиерот Христијан Мицкоски и денеска како и неколку пати досега изјави дека доколку има корекција во цената на струјата очекува тоа да биде минимално. Што се однесува до надворешните влијанија, регулаторот додава дека воените жаришта во Европа се уште претставуваат ризик по цената по која се тргуваат енергенсите на берзите. Во последниот период забележителен е раст на цената што може да има влијание и за цената кај нас.

Марко Бислимовски претседател на РКЕ

„Да има одредено зголемување на цените на берзите и за природен гас и за електрична енергија, но да потсетам, ние сме имале периоди кога цената на природниот гас беше и 300 и 400 и 500 евра за мегават час. А имавме за жал пред две недели и на берзите во нашиот регион, ситуација да имаме цена од 350 евра за мегават час, но сега е стабилизирана цената.“ 

Пред две недели пропадна  тендерот на ЕВН Хоум, бидејќи ЕСМ ја немаше подготвено понудата. Според информациите во моментов цената по која ЕСМ ја продава електричната енергија изнесува 60 евра за мегават час, очекувањата се дека понудената цена на утрешниот тендер ќе се движи од 58 до 62 евра, а ќе биде понудено 100 отсто за потребите на Универзалниот снабдувач  кој ги снабдува домаќинствата и малите фирми.