Во Грција регистрирани вкупно 206 случаи на вирусот Западен Нил, починале 33 лица

Од почетокот на сезоната, односно од јули, заклучно со вчера напладне, во Грција се регистрирани вкупно 206 случаи на вирусот Западен Нил, а починале 33 лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатата седмица биле потврдени три нови случаи и се регистрирани два смртни случаи.

Дополнително, во изминатиот период постојат и четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, кои не се опфатени во анализите на ЕОДИ.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, односно во девет од вкупно 13 периферии, а потврдени случаи има во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. 

Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица. 

Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули.