Во економските програми на партиите зголемени плати и пензии, изградба на автопатишта, и различни даночни концепти

Повисоки плати и пензии, зголемена социјална помош, повеќе субвенции за земјоделците, реализација на капитални проекти, изградба на училишта, болници, и останати проекти кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Ова се главните ветувања на политичките партии кои се пишани во програмите за работа за следните четири години. Ветувањата на Социјалдемократскиот сојуз се ако тие останат на Илинденска и следните четири години на крајот на мандатот просечната плата ќе достигне 1100 евра, минималец 600 евра, ќе има минимална пензија од 20 илјади денари.

По 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство.  3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Во наредните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Обезбедуваме уште поголеми субвенции и поддршка за нашите земјоделци од 750 милиони евра!, ветуваат од СДСМ

Фокусот на програмата на  ВМРО-ДПМНЕ  за следните четири години е акцентиран на реализација на капитални инвестиции. Не отстапуваат од политиката на рамни даноци, како и борба против сивата економија и намалување на невработеноста. Од партијата најавуваат нова 10 годишна стратегија за привлекување на странски инвестиции.

„Реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра. До 2028 година ќе креираме нови 55 илјади работни места односно стапката на невработеност да се спушти на 7.5%. Имаме сет на мерки за УЈП именувани како 4 Д реформа  реформа  во 4 столбови, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Партијата Левица ветува продолжување на борбата за социјална правда, подобрување на работничките права, борба против корупцијата и работата на црно. Левица е за воведување на прогресивен данок, и изградба на капитални инвестиции кои ќе се реализираат според претходно утврден план. Воведување на нова аграрна реформа. 

„Реформите ќе бидат насочени кон поефикасно користење на расположливите финансиски и материјални ресурси во економијата, преку стратешки плански капитални инвестиции во клучните сектори на економијата. Ќе се воведе строга регулација и рестриктивна политика во банкарскиот систем, со цел елиминирање на вишокот на ликвидност во овој сектор, сведување на минимум на профитните стапки во оваа активност, како и ослободување на граѓаните од должничкото ропство на глобално-корпоративистичкото лихво-банкарство“, велат пд Левица.

Од партиите кои се дел од албанскиот опозициски  блок Вреди  велат дека  имаат два моќни елементи кои ќе донесат развој и богатство, а економијата ќе им биде главен приоритет во следните четири години.

„Зголемување на јавните инвестиции до 150 евра по глава на жител, во сите региони. Ревитализација на слободните економски зони, со изградба на две прекугранични економски зони, една со Косово и една со Албанија, како и посветување на една Слободна економска зона за дијаспората која ќе се третира исто како и странските инвестиции, и една Слободна економска зона за младински бизнис и технолошки старт ап“, велат од Вреди. 

Од ДУИ пак велат дека нивната економска програма ќе биде енен вид на нов Рамковен договор помеѓу политичките партии.

 

„Тоа е интегрирана економија, отворена економија, македонска економија, праведна економија во делот на легислативата и во делот на начинот како тоа се контролира согласно сите практики и директиви кои произлегуваат од ЕУ како што се антимонополските политики, како што се антидискриминаторските политики и други работи кои се предвидени во тој столб и третиот столб секако дека е зелена економија во делот на транзицијата“, велат од ДУИ.

Програмите на партиите во делот на економијата не се разликуваат многу. Сите ветуваат подобар живот, а поголемиот дел од  граѓаните тоа го чекаат повеќе од 30 години.