Во Дом на култура Кавадарци отворена изложба на уметнички дела ,,Женско писмо"

 „Женско писмо" е насловена изложбата на уметнички ликовни дела, што синоќа беше отворена во галеријата при Дом на култура „Иван Мазов-Климе“ Кавадарци, во чест на утрешниот меѓународен ден на жената, 8 Март, во соработка со Друштвото на ликовни уметници на овој град. 

Директорката на културниот дом, Јулијана Туриманџова појасни дека на изложбата, со свои дела се претставуваат 36 жени уметнички, академски сликари, жени - уметнички аматери, млади девојки, уметници од цела држава. 

Нашата галерија е исполнета со светлина од прекрасни дела. Секое дело е со своја приказна за себе, секоја слика е различна. Уметничките се вложиле максимално, додека го креирале секоја својот аранжман, нагласи Туриманџова.

Таа додаде дека оваа изложба посветена на жената носи силна порака и ќе остане траен белег запаметен во историјата на работењето на домот, на едно место да се соберат толку многу дела на прекрасни авторки од цела држава.

- И затоа драги дами, бидете горди што сте жени, мудри, достоинствени, истрајни, бидете храбри, бидете силни творци и понатаму, порача таа. 

Микица Илова, актер при Домот, зборувајќи за жената, рече дека таа ги крши стереотипите.

- Жената е кршлива и нежна, но и храбра и истрајна. Жената отсекогаш била единствена, неповторлива, магична и божествена, подвлече Илова. 

Обраќајќи се пред многубројните присутни, претседателката на Друштвото на ликовни уметници на Кавадарци, Соња Самарџиева Поп Ицов истакна дека оваа изложба е не само простор за уживање во уметноста, туку и простор за прославување на женската сила, талентот и влијанието што жените го имаат во нашето општество.

- 8 Март е ден за почитување и прославување на женската борба и достигнувања. Ова е ден за признавање на нивната улога и значење во секој аспект на нашите животи. Оваа изложба го одбележува тој ден со прекрасни уметнички дела, кои не потсетуваат за силата, уметноста и влијанието на жените во светот на уметноста и општеството во целост, додаде Самарџиева Поп Ицов.