Во дел од европските земји поскапуваат струјата и гасот
Foto

Во дел од европските земји поскапуваат струјата и гасот

Цените на енергенсите во светот секојдневно растат, во моментов нема доволно електрична енергија, а проблемот е уште поголем со оглед што доаѓа зимата. Цената на гасот во ЕУ урива рекорди, унијата е во сериозен проблем, бидејќи 23 отсто од електричната енергија се произведува од тој извор на енергија, веднаш зад нуклеарната. Количината на складиран гас во Европа веќе некое време е на рекордно ниско ниво, а снабдувањето со гас е ограничено и од Русија и од Норвешка.

Транзицијата кон зелени извори на енергија поради лошите временски услови, не помага. Британија, и покрај сопственото производство се бори со гасот, а ги вклучи во производство и термоелектраните. САД стравуваат од зголемување на цените. Индија има јаглен само за следните 3 дена, додека Кина ја либерализира цената на струјата произведена од јаглен. Во Хрватска се зголемени цените на горивата, додека најголемата словенечка енергетска компанија најавува значително зголемување на цените на електричната енергија и на плинот. Аналитичарите очекуваат цените да останат повисоки за време на целата зима, кога побарувачката за греење и електрична енергија ќе го достигне врвот. 

„Глобалната енергетска криза предизвикана во голема мера од заживувањето на побарувачката почнува да гризе низ Европа, многу луѓе се плашат дека нема да можат да ги загреат своите домови, бидејќи цените на горивата се зголемуваат. Имаше знаци пред неколку месеци дека цените ќе растат и дека оваа криза може да трае цела зима. Тоа не е само европско прашање. Тоа влијае на целиот свет.“ - изјави Николо Росето – научен соработник во регулаторна школа во Фиренца.

Европските претпријатија најчесто одговараат на високите цени на гасот користејќи повеќе јаглен. Но, цената на јагленот е исто така рекордно висока поради кинеската побарувачка за електрична енергија. За потрошувачите ова е лоша вест, бидејќи ќе сносат голем дел од трошоците. Во Шпанија владата усвои итни мерки за да ја ограничи цената на гасот и профитот на комуналните претпријатија. Италијанската влада размислува за начин на пресметување на сметките за струја.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Европа е одговорна за кризата со гас бидејќи не склучила доволно долгорочни договори за снабдување со овој енергенс со Москва, со што е предизвикна рекорден скок на цените. 

0 Коментари

Остави коментари