Во четири од шест општини на истокот победник е ВМРО-ДПМНЕ, во Кочани победи ВМРО-ДПМНЕ, во Македонска Каменица СДСМ
Во четири од шест општини на истокот победник е ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори. Освен во Виница и Кочани, каде победата беше убедлива, драматичен изборен ден вчера имаше во Пробиштип, Чешиново Облешево, Македонска Каменица и Зрновци.
Кандидатите на владејачката партија Владко Грозданов и Митко Костадиновски беа убедливи во Кочани и Виница, бидејќи Грозданов победи со 1.454, а Костадиновски со 1.129 гласа разлика.
Меѓутоа, мали резултатски разлики во гласовите помеѓу победниците и поразените имаше во останатите четири општини. Така, според ДИК, во Чешиново-Облешево разликата до победата беа само 52 гласа.
Интересен феномен се случи во Македонска Каменица. На локални избори во кои на ниво на држава победи ВМРО-ДПМНЕ, во Македонска Каменица победи кандидатката на СДСМ, Соња Стаменковска со што му се реваншираше на досегашниот градоначалник Димчо Атанасовски за поразот на претходните локални избори во оваа рударска општина.
Во Пробиштип, пак со разлика од само 29 гласа, победата отиде кај Тони Тоневски, кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Единствена промена во резултатот од гласањето од пред две недели имаше во најмалата општина на истокот. Во Зрновци, според резултатите што ги објави Државната Изборна комисија, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Ванчо Митев доби 691 глас, односно 12 гласа повеќе од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борчо Коцев, за кого гласале 679 избирачи.
Со тоа, граѓаните на Зрновци, довербата за нов градоначалнички мандат му ја дадоа на Митев. Она што е карактеристично за вториот круг во општините од истокот е регистрираната поголема излезност на гласачите во однос на првиот круг од локалните избори 2025та.

