Во Брисел самит ЕУ - Западен Балкан

Во Брисел денеска почна дводневен самит на шефови на држави и влади на ЕУ. Европскиот совет ќе расправа за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, економските прашања, Конференцијата за иднината на Европа и надворешните односи.

На состанокот присуствува и македонска делегација, на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Еврокомесарот за проширување пак Оливер Вархеји денеска на својот твитер профил напиша дека сите Бугарски барања влегуваат во преговарачката рамка. А Бугарскиот премиер, Кирил Петков во изјава за медиумите пред почетокот на самитот кажа дека позициите на Бугарија ќе останат непроменети сѐ додека Националното собрание не го каже својот збор.

- Јас сум премиер и кога му ветувам нешто на бугарскиот народ, останувам на зборот. Се надевам дека во наредните денови Националното собрание ќе донесе одлука за ова прашање. Имаме историски момент да можеме да ги зачуваме сите наши бугарски интереси, работи за кои сме сонувале и со овој предлог да го заштитиме бугарскиот интерес долго време. - изјави Кирил Петков премиер на Бугарија.

Сепак иако беше неизвесно присуството на самиот од страна на Вучиќ, Рама и Ковачевски денска сите тројца се присутни во Брисел, а Македонија пред почетокот на состанокот доби поддршка за надеж од претседателот на Србија Александар Вучиќ и од премиерот Еди Рама дека Бугарија треба да го тргне ветото.

Германскиот канцелар Олаф Шолц повтори дека се залага за реформи во ЕУ, промена на правилата на гласање, со што би се спречило поединечни земји да блокираат мнозински одлуки, додека Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пред самиот почеток на Самитот кажа дека Западниот Балкан е приоритет за еу и ќе се посветат на внесување нова енергија во процесот на интеграција.

Според најавите триото Ковачевски, Рама и Вучиќ се очекува да имаат заедничка пресс конференција на која ќе ги изнесат своите заклучоци од состанокот.