Во болницата во Гостивар сред епидемија еден специјалист по инфектологија и четворица специјализанти, дежураат и дерматолози
Еден инфектолог и неколку специјализанти по инфективни заболувања. Со вакви кадровски капацитети, според информациите до кои дојде Телевизија 24, Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар се справува со последиците од епидемијата предизвикана од загадена вода. Истите извори за Телевизија 24 посочуваат дека поради зголемениот број прегледи и ангажманот на инфективното одделение, дополнително се вклучени и лекари од други специјалности, кои дежураат и помагаат во справувањето со зголемениот притисок врз здравствената служба.
Во однос на овие наводи, Телевизија 24 побара став од директорот на Општата болница „Ферид Мурад“, Емри Бајрами, во врска со кадровските капацитети и организацијата на работата на одделението за инфективни заболувања. Директорот ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата, туку упати прашањата да бидат доставени преку официјалната електронска пошта на болницата. До објавувањето на прилогот, одговор од здравствената установа не е добиен, но одговор добивме од министерството за здравство. Оттаму потврдија дека институцијата располага со еден инфектолог, а четворица специјализанти се на стручно усовршување....
Министерство за здравство: „Одделот за инфектологија и дерматовенерологија - во моментот има интернист кој управува со овој оддел, како и тројца други специјалисти од овој оддел. Овие доктори се во постојана комуникација со докторите инфектолози од Универзитетскатата клиника за инфективни болести и се следат протоколите од оваа област. Воедно, уште еден инфектолог од друга ЈЗУ е ставен на располагање во оваа установа се додека има потреба. Кадарот се менаџира согласно проценката и потребите на самата болница. Инаку, во моментов, четворица инфектолози се упатени на специјализација и првиот инфектолог на почеток на октомври ја завршува специјализацијата и се става на располагање на установата“ велат од здраство за телевизија 24.
Додека трае епидемијата што ги зафати гостиварци, дополнителни предизвици имаат и семејствата со деца со попреченост. Дел од нив за Телевизија 24 велат дека високите температури дополнително ја отежнуваат секојдневната грижа за нивните деца, кои и без тоа се соочуваат со сериозни здравствени предизвици. Тие посочуваат дека се снаоѓаат како што знаат и умеат, но секојдневно живеат со страв и неизвесност поради можните ризици за здравјето на нивните деца.
Телевизија 24 стапи во контакт и со Здружението на родители на деца со попреченост од Гостивар, од каде информираат дека дел од потребите за вода ги обезбедуваат преку донации од Црвениот крст, Фондот на холокаустот на Евреите и Еврејската заедница во земјава, невладини организации и општествено одговорни компании.
Сепак, тие апелираат додека трае епидемиолошката состојба да се изнајде долгорочно решение и да се обезбеди редовна достава на чиста и безбедна вода за пиење до домовите на најранливите категории граѓани.
Во меѓувреме, третата недела по ред гостиварци сè уште се соочуваат со проблеми во водоснабдувањето. Од 17 јули водата е забранета за пиење и за подготовка на храна, додека од 27 јули надлежните дозволија нејзина техничка употреба.
Сепак, сè уште нема прецизен датум кога водата ќе биде прогласена за целосно безбедна и повторно ќе може да се користи за сите намени, особено по појавата на бактерии од родот на псеудомонас.

