Во Битола завршува 27. издание на Интернационален фестивал на монодрама
Со доделување на наградата Гран при, како и други фестивалски награди и признанија, вечер во Битола завршува 27. издание на Интернационален фестивал на монодрама на кој годинава се натпреваруваа 13 актерки и актери од Европа и Египет.
Настапите на актерките и актерите ги оценуваше меѓународно стручно жири во кое членуваа Керолајн Бернс Кук од Велика Британија, Анџелина Роска од Молдавија и Кире Ѓорески од Македонија, а според востановената традиција, на фестивалот ќе се додели и награда од публиката која до последната монодрама што се изведе синоќа, гласаше во посебни гласачки кутии.
-Оваа година промовиравме нова фестивалска сцена која ја нарековме бар-сцена, фестивалот го одржавме под мотото „Огледало на вистината“ затоа што сакавме да ја истакнеме самата суштина на монодрамата која ја претставува простор каде се огледуваат и согледуваат различни лични и општествени вистини. Имавме богата дополнителна програма во НУ Центар за култура, но и надвор од нашиот објект, во градот, по Широк сокак и градското шеталиште каде битолчани ги набљудуваа живите статуи. Фестивалот завршува вечер со настап на актерките Ања Митиќ и Билјана Драгиќевиќ Пројковска од Драмски театар Скопје, кои во чест на наградените ќе ја одиграат претставата „Гидионовиот јазол“, изјави за МИА, Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура.
Интернационалниот фестивал на монодрама се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а годинава освен домашна, менаџментот обезбеди и меѓународна поддршка која ја овозможија амбасадите на Италија и Полска во земјава.

