Во Битола отворена изложба посветена на македонскиот сликар Перо Спироски Пипо
Во битолската галерија „Ранко Струмениковски“ синоќа беше отворена ретроспективна изложба посветена на истакнатиот македонски сликар Перо Спироски – Пипо (1928–1995), маркантен претставник на првата повоена генерација македонски современи сликари со академско образование и член на познатата уметничка група ВДИСТ.
Изложбата содржи стотина дела создавани во полвековно активно и плодно сликарско творештво - пејзажи, актови, портрети и апстрактни композиции и претставува настан од исклучително уметничко значење за македонската ликовна сцена.

