Во Белград средба Вучиќ - Лајчак
Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приптина Мирослав Лајчак по посетата на Косово е во Белград, како дел од подготовките за претстојната средба на лидерите на Србија и на Косово во Охрид на 18 март.
Во фокусот на разговорите е имплементација на Спогодбата за патот кон нормализација на односите Белград - Приштина, за кој Вучиќ и Курти, според шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ја договориле на 27 февруари во Брисел.
„Знаете дека нашата средба на 27 февруари беше успешна и добро оценета и од Вучиќ и од Курти и дека се согласија дека нема потреба повеќе да се разговара за договорот, така што текстот е прифатен и веќе е објавен.“ - изјави Мирослав Лајчак специјален претставник на ЕУ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, повтори дека Заедницата на српски општини е услов без кој не може да има натамошни разговори во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Ако некој не сака ни да зборува, и да не го спроведува формирањето Заедници на српски општини, не гледам причина да кажам нешто повеќе од тоа. В среда или в четврток, пред патувањето за Охрид, ќе кажам како гледам на се, што мислам и што треба да направиме во периодот што следи.“ - изјави Александар Вучиќ претседател на Србија.
Косовскиот премиер Албин Курти, пак, повторно ја отфрли можноста за формирање Заедница на српски општини, на што инсистира Белград, велејќи дека не се можни ненационални решенија во правниот поредок на Косово. Курти вели дека за целосна нормализација на односите потребно е заемно признавање.
„На трилатералната средба во Брисел на 27 февруари понудив потпишување на основниот договор во име на Република Косово. За жал, претседателот на Србија одби, по што ја информираше јавноста. Следната недела повторно се среќаваме во Охрид. Се надевам дека одбивањето на Србија да го потпише предлогот во Брисел не е показател дека таа не се согласува со содржината.“ - изјави Албин Курти премиер на Косово.
Словачкиот дипломат Лајчак вели дека двете страни мора да се договорат за Анексот за имплементација, бидејќи Спогодбата за патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија нема да биде правно обврзувачки без таквиот анекс.