Во Белград промовиран зборникот „Македонски во 30 лекции“ по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Белград синоќа се одржа промоција на зборникот „Македонски у 30 лекција'' од авторката Елеонора Конеска Средојевиќ, а во реиздание и во соработка со белградскиот весник „Политика'', јави дописникот на МИА од Белград.
Зборникот „Македонски у 30 лекција'' од Конеска Средојевиќ, ќерка на академик Блаже Конески, опфаќа двојазични текстови објавени во „Политика“, а се публикува со цел да се афирмира македонскиот јазик во Србија.
-Се работи за една збирка „Македонски у 30 лекција'' на српски и македонски јазик, што ја пронајдовме во архивата на нашинецот Ранко Бебековски кои беа објавувани во весникот „Политика“ во 1984 година како лекции по македонски јазик. Со дозвола на авторката и на „Политика“ ги реиздадовме и ја промовираме оваа брошура за да нашите членови на здружението Македониум, на нивните потомци и сите Македонци кои живеат овде во Србија, имаат можност да ги совладаат основните правила на граматиката на македонскиот јазик, изјави Зорица Митровиќ од Здружението Македониум во Белград, организатор на промоцијата.
Јазикот, порача Митровиќ, е основен елемент на националниот идентит. Доколку го чуваме и изучуваме јазикот можеме да кажеме дека го чуваме и македонскиот национален идентитет во Србија.
-Се работи за лекции по македонски јазик кои се илустрирани со цртежи и вињетки на познати белградски уметници, потоа текстови на српски јазик и научно-стручни коментари за разни прашања поврзани со македонскиот јазик како што се зборовите, азбуката, акцентот, писмото и други граматички карактеристики, изјави Ранко Бебековски.
На промоцијата присуствуваше и новоименуваниот македонски амбасадор во Белград, Никола Тупанчески кој кажа дека меѓународната заедница повеќе од 20 години става акцент врз мајчиниот јазик што е значаен атрибут на секоја држава и нација.
- Одбележувањето на мајчиниот јазик на македонската држава преставува уште една потврда на верификација на еден од атрибутите на државата. Верувам дека ваквите настани придонесуваат во негување и афирмација на она се што се нарекува обележје на една држава, изјави амбасадорот Тупанчески.
Во рамки на промоцијата беше одржано предавање за зачувувањето на македонскиот јазик на овие простори од Јелена Тричковска, асистент на Катедрата за хунгарологија на Филолошкиот факултет во Белград и соработничка на македонските лекторати во Унгарија и Словачка.
-Сметам дека има многу голема потреба од основање на лекторат по македонски јазик на Филолошкиот факултет во Белград, оти јазикот треба да се негува и да се учи. Не се доволни само два семестра на Катедрата за српски јазик со југословенските книжевности, постои интерес и треба да се основа лекторат по македонски јазик во Србија, изјави Јелена Тричковска.