Во Белград почна Конференцијата за инвестиции во енергетиката во Западен Балкан

Во Белград почна Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан во организација на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Кралството Норвешка на која учествува и премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, како и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

Целта на конференцијата е пред инвеститори од Кралството Норвешка да се презентираат можностите за инвестирање во капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан.

Конференцијата ја отворија српскиот претседател Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик министер за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка.

– Во енергетиката се потребни големи реформи, промена на навиките и огромни вложувања наредните години во износ меѓу 16 и 30 милијарди евра, порача Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што посочи, не постојат лесни ниту едноставни решенија, но сето тоа мора да се преземе, оти во спротивно ќе се соочиме со катастрофа.

– Србија мора да прави реформи, да менува навики и да работи на поинаков начин и затоа побара помош од пријателите од Норвешка кои понудиja некакви решенија, додаде Вучиќ.

Тој наведе дека Србија во следните 10 или 15 години ќе треба да инвестира меѓу 16 и 33 милијарди евра во енергетскиот сектор, што значи дека најголемиот предизвик за сите идни влади во регионот ќе биде подобрувањето на енергетскиот сектор.

Можеби само здравството е исто толку важно како енергетскиот сектор, рече Вучиќ и додаде дека земјите од регионот знаат дека мора подобро да се поврзат и дека мора да се изградат нови интерконектори за гас и цевководи за нафта.

Вучиќ оцени дека ова е можност да се зголеми БДП на земјите од регионот и нивниот економски раст, истакнувајќи дека ќе биде тешко да се држат под контрола јавните финансии.

Toj посочи и дека буџетот за следната година е подготвен со ММФ, кој предвидува дефицит од 3,3 до 3,4 отсто, што, како што додаде, „не е добро, но релативно е во ред“.

-Од тоа, 45 отсто отпаѓаат на нашата расходна страна, кога станува збор за снабдувањето со енергија, што покажува колку таа стана важна, рече Вучиќ.

Тој истакна дека Србија само денеска ќе потроши повеќе од 2,5 милиони евра за увоз на електрична енергија од европската мрежа.