Во Атина уапсен поранешен градоначалник на Букурешт

Во атинска населба, вчера бил уапсен странски државјанин, кој се барал со европска потерница од романските власти, а според грчките медиуми, станува збор за поранешниот градоначалник на Букурешт.

Од грчката полиција соопштија дека 71-годишен странски државјанин бил уапсен поради европската потерница и се товари за поткуп, формирање организирана криминална група, корупција и перење пари.

Грчките медиуми објавија дека станува збор за Сорин Опреску кој во периодот од 2008 до 2015 бил градоначалник на Букурешт.

„Катимерини“ објави дека минатиот петок судот во Букурешт го осудил Опреску на затворска казна од десет години и осум месеци, а полицајците не го пронашле во неговиот дом, по што била издадена потерница.

Според истите информации, се чини дека оранешниот градоначалник, веројатно ја напуштил Романија две седмици пред судењето.