Во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ

На Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 се на редовен антиретровирусен третман. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста, беше соопштено денеска по повод Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје која Инфективната клиника и ХЕРА ќе ја одбележат со кампања „Грижи се за себе“ и со бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември.

Секое трето лице што живее со ХИВ не го знае својот ХИВ-статус зашто луѓето не се тестираат од различни причини. Затоа, целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња ако се во ризик или превентивно да се тестираат на ХИВ, без разлика на која популациска група припаѓаат.

Д-р Савески и Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.

- Затоа што постои терапија со која на навремено откриените пациенти им се овозможува нормален живот и просечен животен век ист како и кај ХИВ-негативните лица. Проблем е кога пациентот доаѓа со некаква клиничка слика која можеби не е препознаена на почеток, се тестира, се помислува на ХИВ и тогаш го откриваме пациентот дека е во доцна фаза од болеста односно во стадиум на СИДА. Тогаш лекувањето е потешко, понекогаш е потребно и болничко лекување, некогаш пациентите завршуваат на интензивна нега, рече д-р Савески.