“Внатрешниот“ долг на државата се доближи до 700 милиони евра
Близу 700 милиони евра должат државните институции. До крајот на јуни, 903 од нив пријавиле неплатени сметки, а за шест месеци долгот пораснал за 26,4 милиони евра, од кои 17,5 милиони во вториот квартал и речиси три милиони на годишно ниво.
Кон други јавни институции се должат 344,5 милиони евра, а кон приватни фирми и организации – 315,2 милиони. Општините должат 93,2 милиони евра, за 28,5 милиони повеќе од лани. Според поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцевски, општините продолжуваат да се задолжуваат, а дел од нив не ги наплатуваат ни приходите што според закон треба сами да ги собираат.
МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт се најголемите поединечни должници, а значителни обврски имаат и компаниите на ЕСМ и јавните здравствени установи. Finance Think оценува дека доспеаните, а неплатени обврски се слаба алка во фискалната дисциплина и дека нивото речиси не е променето од јуни минатата година. Институтот предлага тие да се вклучат во пресметките на јавниот долг и дефицитот и да се евидентираат веднаш штом ќе настанат.
„Воведување системи за одговорност, бонуси и други стимули за поефикасно управување со јавните претпријатија и навремено плаќање на обврските. Користење структурни обврзници и други инструменти за финансиска стабилизација кај општините со значителни доспеани обврски. Воведување строги санкции за одговорните лица во буџетските институции кои преземаат обврски надвор од одобрените буџетски проекции или без обезбедени извори на финансирање.“
Министерството за финансии ја објавува состојбата со доспеаните обврски на секои три месеци. Следниот пресек на крајот на септември треба да покаже дали институциите започнале да го намалуваат долгот и колкав дел од неплатените обврски во меѓувреме бил подмирен.

