ВМРО-ДПМНЕ се врати на блокади на закони во Собранието

Лавина од 2000 амандмани само за Законот за служба во АРМ поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Велат целта е подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст.  

Од министерството за одбрана пак велат дека единствената намера на ВМРО-ДПМНЕ е токму блокирање на Законот, а со тоа и блокирање на неколку одлични решенија за Армијата на кои чекаат многу нејзини припадници и нивните семејства.

„ВМРО-ДПМНЕ со 2 000 амандмани ја блокира шансата за отпремнина од 1000 евра за секоја година помината на служба во Армијата на војниците со навршени 45 години возраст. Тоа е блокада на можноста за војниците по завршувањето на службата, да добијат отпремнина од околу 25 000 евра, што за прв пат ја предвидуваат овие измени на Законот. Тоа е блокада за новиот почеток на оваа категорија припадници на Армијата, кој тие и нивните семејства со нетрпение го очекуваа.“

 Од Независниот синдикат за одбрана велат:

„Ги повикуваме сите чинители одговорни за процесот на донесување на измените во Законот за служба во Армијата веднаш да изнајдат решение во собраниска процедура час поскоро и да се донесат измените на Законот за служба кои директно ги засегаат вработените во Армијата.“ 

Од Владејачката СДСМ пак велат опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува да работи само за партиски поени а тоа го покажуваат не само со оваа блокада туку и останатите законски решениа кои остануваат да висат поради амандманите на опозицијата како и Клиничкиот центар.

Иако лидерите на најголемите македонски партии Мицкоски и Заев на последната лидерска се договорија да се пристапи кон деблокада на работата на собранието сепак и натаму спорни остануваат некои законски решенија за кои опозицијата има поднесено голем број на амандмани. Така покрај законот за одбрана, и Клиничкиот центар, виси гласањето и на законот за администрација, култура. А ВМРО-ДПМНЕ имаше свои забелешки и на законот за високо образование.