ВМРО-ДПМНЕ обвини за партиска регрутација на војска, СДСМ се оградува
Сите се оградуваат, но никој не кажува што ќе се преземе СДСМ Арачиново ја избриша објавата на Фејсбук, преку која повика сите арачиновците кои се јавиле на повикот на Министерството за одбрана, прво да се обратат во Општинската организација, а партијата допрва ќе истражува кој го напишал тоа.
Од Министерството за одбрана за ТВ 24 велат, политиката треба да остане надвор од Армијата, а ќе бидат примени само кандидатите кои ги исполнуваат сите професионални карактеристики
„Процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат било какви партиски или друг вид на влијание. Во Армијата на Република Северна Македонија војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот.“ - велат од Министерството за одбрана.
На ист став е и Владата, портпаролот Душко Арсовски истакна дека Армијата и служи на државата, а не на партиите.
Опозицијата пак, денеска обвинува дека за повикот на СДСМ-Арачиново, биле запознаени и премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ и прашува според кој НАТО стандард огранокот на СДС Арачиново регрутира професионални војници
Од СДСМ веднаш реагираа дека се работи за злоупотреба спротивна на вредностите на партијата. Денеска за ТВ 24 велат дека откако внатрепартиски ќе се расчисти случајот, ќе одлучат и дали Арменд Рамадани ќе биде разрешен од челната позиција во Општинската организација.