ВМРО-ДПМНЕ објави записници како Османи и во време на СДСМ и ДУИ ги кршела прописите
Препукувањата меѓу власта и опозицијата, ги открија старите инциденти со Вјоса Османи на скопскиот аеродром - ВМРО ДПМНЕ ги објави записниците.
Вперувајки го прстот кон СДСМ и ДУИ, со образложение - додека биле на власт правеле услуга во кршење на закони, партијата на премиерот Мицкоски, објави два слични инциденти, каде претседателката на Косово – Вјоса Османи одбивала, нејзиниот личен багаж , да биде скениран на меѓународниот аеродром Скопје.
-Записник од 16.09.2023 година: По доаѓањето до ВИП секторот, меѓу одговорниот за протоколот на делегацијата и службата за безбедност на аеродромот, дошло до недоразбирање бидејќи истиот, повикувајќи се на дипломатскиот имунитет на претседателката, не се согласил личниот багаж на претседателот на Косово да се провери во скенер, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
- Од страна на капетанот на летот и претставник на „Кроација ерлајнс“, повикувајќи се на меѓународните стандарди и националната програма за безбедност, истакнато е дека додека не дозволат проверка на багажот, истата, нема да биде прифатена на летот, стои во Записник од 09.10.2023.
Обвинувања и од СДСМ. Според нив, последниот инцидент со Вјоса Османи, покажал дека собранискиот спикер Гаши ја злоупотребува положбата. Го повикаа Мицкоски да го смени Африм Гаши.
- Малку требаше за Мицкоски да си ги погази своите ветувања дека секој функционер кој се огрешил ќе одговара. Тоа ќе важи изгледа само за обичните граѓани, но не и за политичарите од неговата коалиција. Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање, велат од СДСМ.
За коалицијата ВРЕДИ, пак, интерпелацијата на собранискиот спикер е анти-нато експеримент.
- Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор. Која е целта? Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес, велат од Коалиција Вреди.
Случајот со косовската претседателка, предизвика лавина реакции во јавноста и на политичкото тло меѓу Скопје и Приштина. Албин Курти и Христијан Мицкоски имааа и средба, во која се чини, ги испеглаа недорабирањата. Порачаа дека ќе чекаат правна разрешница. Премиерот Мицкоски, тогаш, порача дека ќе одговора секој кој згрешил пред законот. Кривична доби само обезбедувањето на собранискиот спикер. Инцидентите, пак, кои ВМРО – ДПМНЕ денеска ги објави, Мицкоски ги најави пред два дена , објаснувајки дека тогаш се молчело, а сега има јавност.