ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги повлече изборните спотови во кои ги има Рускоска и Кацарска
Foto

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги повлече изборните спотови во кои ги има Рускоска и Кацарска

ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да ги повлече изборните спотови, ниту да им се извини на обвинителката Вилма Рускоска и на судијката Добрила Кацарска откако партијата во етер пушти предизборни спотови во кои и двете се прикажани, според партијата, како синоним за неправдите на Зоран Заев и „Луј Витон“ правосудниот систем кој овозможува неказнивост на криминалот. 

„Не очекувавме на Вилма Рускоска и Добрила Кацарска да им се допаднат спотовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја отсликуваат вистината, исто како што на Македонија не и се допаѓа тоа што во државата се амнестира криминалот. Очигледно Вилма Рускоска и Добрила Кацарска освен тоа што не реагираат за криминалот во државата, се чини дека стануваат и адвокати на Зоран Заев. Сигурни сме дека јавноста има уште една шанса на дело да ја види нивната  улога, овојпат како цензор на СДСМ против кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Шефицата на јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска за ТВ 24 вели дека не знае на кој криминал мисли ВМРО-ДПМНЕ и дека се' за што имала докази таа секогаш поднесувала обвиненија. 

„Спотовите ги разбирам како директен упад во работа на обвинителството а со последниот спот и упад во судството. Сметам дека со ова ВМРО-ДПМНЕ сака да изврши политички притисок откако со новиот Закон за јавно обвинителство предметите на СЈО преминаа во обвинителството за гонење криминал и корупција.“ - изјави Вилма Русковска ОЈО ГОКК.

А судијката од скопскиот кривичен суд, Добрила Кацарска во телефонски разговор изјави дека за сега не размислува да испрати опомена пред тужба до ВМРО-ДПМНЕ. 

„Не би сакала да си го трошам времето со претседателот на партијата Христијан Мицкоски и да се среќавам со него низ судските ходници. Не знам како заклучиле дека јас сум синоним за неказнивост на криминалот кога трите предмети на СЈО што ги судев ги завршив а во рекордно време го завршив и предметот за настаните од 27 април.“ - изјави Добрила Кацарска судија во Кривичен суд Скопје 1.

Ниту Државната изборна комисија (ДИК) ниту Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги немаат законска можност да реагираат на содржината на предизборните спотови што ги објавуваат политичките партии, велат првите луѓе на ДИК, Оливер Деркоски и на АВМУ, Зоран Трајчевски.

„Партиите неодамна го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори и тие се обврзани да го почитуваат истиот. ДИК нема законска можност да интервенира во содржината на спотовите. За комисијата е важно дали партиите го пласираат платеното политичко рекламирање во согласност со правилата на Изборниот законик.“ - изјави Оливер Деркоски претседател на ДИК.

Трајчевски пак упатува на Водичот што претходно го издала АВМУ насловен како „Исправка на неточни, погрешни, лажни и нецелосни информации“.

Во него меѓу другото во детали пишува кој има право и под кои услови да бара исправка на информации објавени во медиумите, а за кои смета дека можат на било кој начин да му наштетат на угледот и честа. Секој има право и да го тужи медиумот на кој се објавени информациите, но не и да го тужи нарачателот на објавениот спот, во случајов тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

0 Коментари

Остави коментари