ВМРО-ДПМНЕ на протест пред МНР
Foto

ВМРО-ДПМНЕ на протест пред МНР

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнево продолжи со протестите пред МНР, според донесената одлука на Извршниот комитет на партијата викедов во Битола, да протестираат денеска и утре од 17 до 19 часот. 

Од партијата велат дека протестите продолжуваат бидејќи премиерот Заев и министерот Османи кријат за што се преговара со Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже документот за кој се преговара со Бугарија. 

Протестот се одржува во пресрет на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, закажана за в среда во 15 часот. Со неа претседава Антонио Милошоски, а министерот Османи соопшти дека ќе одговори на барањето на опозицијата да присуствува и да реферира.

- Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје за да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија. Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање. - изјави Бујар Османи.

Откако ќе се одржи седницата в среда, опозицијата ќе одлучи дали ќе продолжат со протестите. Опозицијата протесира иако министерот Османи денеска е во Брисел, како дел од македонската делегација на Самитот на НАТО. Делегацијата ја предводи премиерот Зоран Заев - на првиот Самит на кој С Македонија учествува како полноправна членка на Алијансата. 

0 Коментари

Остави коментари