ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за тоа кој ги поттикнал инцидентите на прославата на Денот на албанското знаме
Со меѓусебни обвинувања продолжуваат двете најголеми политички партии од власта и опозицијата, кој е виновен за инцидентите од прославата на Денот на албанското знаме.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, инцидентите и дивеењето на неколку групи се смислено сценарио на СДСМ и ДУИ, преку манипулација, ескалација и креирање етнички тензии да се обидат да го заштитат криминално стекнатиот капитал.
Антидржавните партии СДС и ДУИ преку манипулирана група од политички насилници направија директен напад врз државата преку чин на агресија кој беше директно насочен кон достоинството на македонскиот народ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ , пак порачуваат дека обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се лажни и претставуваат срамен и кукавички обид за префрлање на вината поради сопствените неуспеси.
- За жал овие обиди имаат јасна и подмолна цел – да ја покријат неспособноста на Владата и Министерството за внатрешни работи да го заштитат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Поразително е во ситуација на подигнати тензии наместо пораки на смирување и обединување, Мицкоски да прави политички поделби, посочуваат од СДСМ.